Младите во Албанија и натаму се организираат на социјалните мрежи. Тие најавија повторно протести денеска во 18 часот, поради убиството на Клодијан Раша од еден полицаец. Во едно вирално известување на социјалните мрежи се вели дека се бара оставка од Арди Велиу, директор на Државната полиција. Од друга страна, Судот во Албанија донел безбедносна мерка – да се уапси полицаецот кој го уби 25 годишниот Клодијан Раша.
Полицаецот Невалдо Хајдарај во текот на денешното рочиште изразил каење за стореното дело, а побарал семејството на жртвата да присуствува на рочиштето за да се извини.
„Донесете го семејството, сакам да се извинам. Одзедов човечки живот, преземете каква било мерка за мене. Се каам“, рекол 31 годишниот полицаец.
„Ова што ми се случи мене, да не му се случи никому“, рекол меѓу другото тој.
Пред три дена за време на полициски час два пати пукал при што го усмртил момчето. По оваа случка, избувнаа низа протести во Тирана и во други градови низ Албанија.
Демонстрантите бараат оставка од Генералниот директор на Државната полиција, Арди Велиу поради убиството на 25 годишниот Клодијан. Реагирал и премиерот на државата, Еди Рама кој во неколку објави едноподруго на Твитер напишал дека граѓанштината на министерот за внатрешни работи, Сандер Лешај, е слабост и заборава дека оваа држава им припаѓа на граѓаните а не варварите, осврнувајќи се на синоќешна оставка на министерот.
Оставката на министерот за внатрешни работи, Сандер Лешај ја прифатил премиерот Еди Рама во текот на вчерашниот ден. Лешај стана трет министер за внатрешни работи кој си заминал од владата на Рама во 2 мандати.