Првата Supra продадена на аукција за дури 2,1 милион долари – по што се разликува овој модел од обичната верзија?

821

Единствениот примерок на новата Supra, кој го доби прекарот Global #1, e продаден за 40 пати поголема цена во однос на цената на основната сериска верзија на овој модел. Но, по што оваа верзија се разликува од обичната сериска Toyota Supra?

Новата Toyota Supra во САД се продава по почетна цена од 49.900 долари, додека ограничената серија од 1.500 примероци – Launch Edition, која прва ќе се најде во продажба, ќе се продава за 55.250 долари. 

Примерокот наречен Global #1, кој на аукцијата на Barrett-Jackson достигна цена од 2,1 милион долари, се разликува од било која друга Supra на светот. Иако во основа тој е базиран на верзијата Launch Edition, овој автомобил има посебна боја – станува збор за мат сивата нијанса наречена Phantom Matte, а страничните ретровизори се во контрастна сјајна црвена боја.

Единствената комбинација на бои на екстериерот ја заокружуваат мат црните алуминиумски бандажи, а во внатрешноста доминира црвената боја со детали изработени од јаглеродни влакна.

Тоа е отприлика тоа. Ако мислевте дека оваа Supra е технички подобра од сите останати модели, се лажевте.

Тајната зад цената на овој единствен модел на Supra е тоа што станува збор за прв примерок од новиот спортски модел, кој секако во иднина ќе претставува вреден колекционерски примерок.

Инаку, новиот сопственик на единствената Supra како подарок ќе добие специјално тркачко одело, две VIP карти за априлската NASCAR трка која се организира во Ричмонд, Вирџинија, како и можност да се вози во тркачкиот автомобил со NASCAR возачот Мајкл Волтрип.