Први снимки од силниот земјотрес во Јапонија: 10 илјади домаќинства останаа без струја, а бреговите беа погодени од цунами

786

Земјотрес со јачина од 6,7 степени го погоди синоќа североистокот на Јапонија, а откако било издадено предупредувањето за цунами, набрзо потоа големите бранови го погодиле брегот на островот Авашима.

Земјотресот кој го погоди округот Јамагата предизвика материјална штета, а брановите од цунамито не биле премногу големи за да ги загрозат жителите на крајбрежјето. Откако удриле првите бранови, тамошните служби процениле дека поминала опасноста, па предупредувањето било укинато.

Потресот се случил во 22:20 часот по локално време и на длабочина од околу 14 километри. Жители на округот Јамагата каде што најсилно се почувствува земјотресот, за локалните медиуми изјавија дека одамна не почувствувале така силен земјотрес.

Јапонскиот секретаријат за нуклеарна регулатива соопшти дека не биле забележани никакви абнормалности во околниот нуклеарен комплекс Кашивазаки Карива чии што седум единици не се активни од 2012-та година откако се случи катастрофата во нуклеарната централа Фукушима.

Шефот на кабинетот на јапонскиот премиер Шинзо Абе, Јошида Суга изјави на вондредната прес конференција дека не добил информации дека има било каков проблем во некоја од нуклеарните централи во погоденото подрачје.

Поради земјотресот кој се смета за еден од посилните кои ја имаат погодено Јапонија во изминатите неколку години, без електрична енергија останале над 10 илјади домаќинства, а во погодените региони бил откажан и железничкиот сообраќај.