Први во светот: Норвешка ќе гради тунел за бродови

618

Изградбата на тунел за бродови во вредност од 325 милиони долари треба да започне наскоро во западните краишта на Норвешка.

Финансирањето за овој многу важен проект се очекува да биде одобрено наскоро.

Норвешката крајбрежна служба (Kystverket) предложи тендерската постапка да заврши оваа година и изградбата да започне следната година. Планот е тунелот да биде пуштен во функција во 2025 или 2026 година.

Тунелот ќе биде долг 1,7 километри и доволно голем за да може низ него да се движат товарни и други поголеми бродови. Сепак, нема да биде можно крстосувачките бродови да патуваат низ тунелот затоа што се преголеми.

Безбедноста беше првиот приоритет за дизајнерите на тунелот. Во претходните сто години се разгледуваше можноста за изградба на тунел, со цел да се заобиколи движењето низ областа Стад која е изложена на ветрови и океански струи, што го прави пловењето многу опасно.

Според норвешката регионална администрација, Викинзите ги превезувале пловните објекти преку копно за да не мораат да пловат по Стад. Во оваа морска област, неповолните услови за пловење може да траат и по неколку дена.

Важноста на изградбата на тунелот ја покажуваат и податоците на една бродска компанија дека 20 проценти од бродовите доцнат поради проблеми во споменатата морска област.