Првите кондоми од автомат кај Ристиќева палата

1160

Кон средината и крајот на шеесеттите години започнаа да се продаваат првите кондоми од автомат. За да биде приказната уште поинтересна, автоматот се наоѓаше на многу фреквентно место, во самиот центар на градот, кај Ристиќевата палата, од страната на денешното кафуле “Тренд”, раскажува скопскиот хроничар Данило Коцевски.

Веднаш до автоматот се наоѓаше берберската задруга “Хигиена”, во која работеа повеќемина познати скопски бербери. Денес е многу полесно и поедноставно да го изговорите зборот кондом, бидејќи тој се слуша насекаде. Разни невладини организации ги делат кондомите бесплатно, постојано се одржуваат семинари со совети за сигурна заштита, на разни тркалезни маси и конференции просториите се преплавени со нив.

Медиумите, исто така, имаат своја функција во таа пропаганда. Но, ајде да ве видам да го изговоревте тоа име некогаш, без да поцрвените во образите и без да ве фати срам. Иако немаше причина за тоа. Кондомите се купуваа во трафиките, но и во некои од поголемите колонијални продавници. И, се разбира, нивното име беше поинакво од денешното. Се продаваа под името “рис”, според истоимената фабрика од Загреб која ги произведуваше.

Ако ги купувавте од автомат, работата изгледаше поедноставна. Соочени сами со автоматот, не мораше ништо да зборувате, ниту некому нешто да му објаснувате. Но дали тоа навистина беше така? Ристиќевата палата отсекогаш е најфреквентното место, со многу минувачи, а и дел од скопското корзо беше таму, особено по земјотресот.

Во тие шеесетти години плоштадот беше преполн со возила кои се движеа по него, минувајќи преку Камениот мост. Автоматот беше конспиративен, но и им даваше инспирација на скопските мангупи да си тераат шега. За тоа се останати многу анегдоти. Него, главно, го користеа мажи, а повремено и по некоја припадничка на понежниот пол.

Токму кога ќе се појавеше таа, неопитна во начинот на употребата на автоматот, мангупот ќе и дадеше совет: “За правилна употреба на апаратот, потребно е да знаете колкава е големината на органот … Дали ја знаете?” Се разбира, дамата ќе избегаше вцрвенета и разочарана од трнливиот пат по кој се доаѓа до автоматизираната и развиена Европа. Кондомите во автоматот беа единечни, во вид на блескаво спакувани чоколатца.

Многу скопски феномени денес неправедно се заборавени, а токму тие му даваа посебен шарм и белег на градот. Првата бензинска пумпа по војната се наоѓала на просторот помеѓу денешниот ресторан “Пелистер” и Стоковната куќа. Таа била многу егзотична – имала тркало и чекрек.

Еден познат скопјанец, кој возел олдтајмер, откако ќе наполнел бензин, извикувал: “Урнете ја куќата на аголот, не можам да свртам со ‘шевролетот'”. Првата јавна телефонска говорница во Скопје била поставена пред војната, во 1935 година. Се наоѓала на Плоштадот, пред некогашниот ресторан “Метропол”.