Претседателот на Бугарија, Румен Радев, смета дека македонскиот премиер, Зоран Заев не и се извинил на соседната земја по изјавата дека „Илинденското востание е македонско”, на што реагираа и високи функционери на Бугарија.
Радев вели дека Заев не се извинил експлицитно, освен што изразил жалење: -„Доволно ли е тоа извинување? Вие слушнавте извинување? Јас не слушнав. Преку Фејсбук не е извинување. Заев посочи дека направил грешка, но не ги исправи зборовите. За мене не е објасниво некој да каже дека бугарската Влада не реагира така како што треба да реагира. Според мене, недозволиво и неприфатливо е евроатлантската перспектива на Македонија да биде ставена пред бугарската историја, идентитет и суверенитет. Не може долгорочните интереси на Бугарија да се жртва на политичкиот маркетинг”, рече Радев.
Бугарскиот претседател очекува неговата земја да спроведе мерки за санкционирање на Македонија, нагласувајќи дека Бугарија ги има сите основи за склучување дополнителен анекс-договор за промена на односите со Македонија.
Реакцијата на Радев, по изјавата на македонскиот премиер Заев, предизвика лавина реакции.
Александар Пандов на социјалната мрежа Фејсбук, посвети статус до премиерот Заев и претседателот Радев, кој јавно побара извинување од Зоран Заев до бугарскиот народ затоа што се мешал и ја навредил бугарската историја. На ова Пандов преку својот статус му пишува на Заев дека со нивото на кое паднал само и штети на Македонија и цел Балкан ни се смее.
-Лошото во сето ова е што луѓето во Бугарија тебе те перципираат како премиер на Република Македонија и со самото тоа чинам дека имаат чувство дека преку тебе си играат мајтап со сите нас. Така да Зоки меѓу другото и за ова понижување и бламирање што ни го правиш да ни се смее цел Балкан, на 30.09 Македонија ќе Бојкотирам, пишува на Фејсбук Пандов.
Со реакција се јави и професорката Билјана Ванковска. Така е, браќа Бугари! Душата да му ја извадите. Кај се видело извинување на ФБ, пратено од глисер!? Нека се извини кај нотар, нека завери изјава, нека ви достави со дипломатска пошта. Притиснете слободно, мекотел е, ќе издржи се за да ги задоволи посилните.
Извинете, мора човек веќе да се зафркава, бидејќи ова е веќе вон памет! Нека вежба Заев, зошто кога ќе му се пуштат Грците, ова ќе мора секој ден да го прави, не само за Илинден, напиша професорката Билјана Ванковска на Фејсбук.
Премиерот Зоран Заев вчера со изјава дека суетата ја става на страна и дека пријателството со Бугарија треба да се негува и доградува.
Правам се за да изградам пријателство. Гледате дека моите суети ги ставам на страна, сакам искрено да градам пријателство. Бугарија е партнер на Македонија и тоа го покажа неколку пати и не е во ред тоа да го заборавиме, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали изјавата ја гледа како закана за евроатланските аспирации на Македонија.