Радио Слободна Европа: Државен ревизор – Институциите немаат капацитет за справување со загадувањето

782

Огромното загадување на воздухот изминативе денови повторно го стави Скопје на листата најзагадени светски градови. Владата усвои план за чист воздух, но државните ревизори укажуваат на неспроведување на законите и немање на капацитет на институциите за решавање на проблемот.

Владата го усвоила Планот за чист воздух за 2019 година, но Државниот завод за ревизија во последниот извештај укажува дека институциите на централно и локално ниво немаат капацитет за справување со проблемот со загадувањето на воздухот во однос на кадар и финансии. 

Ревизорите наведуваат дека досега државата не ги спроведувала целосно законите за контрола на индустриското загадување. Државниот завод за ревизија укажува и дека немаме точни податоци за квалитетот на воздухот што го дишеме, бидејќи не се земаат предвид сите извори на загадување.

Ревизорите констатирале дека не се мерат редовно концентрациите на бензен, и дека мерењето на загадувањето од тешки метали не е доволно репрезентативно.

Исто така дека дел од инсталациите не доставуваат извештаи од извршените мерења од Управата за животна средина и Македонскиот информативен центар за животна средина, стои во извештајот.

Владата во планот за чист воздух воопшто не го спомнува загадувањето од големата индустрија, иако државните ревизори наведуваат дека голем број компании не ги запазуваат законските рокови за реализација на плановите за поставување филтри, како и дека државните институции несоодветно ги спроведуваат законите за контрола на големите индустриски компании.

Откако Скопје и другите градови во Македонија изминативе денови повторно беа најзагадени во светот, Државниот инспекторат за животна средина направи вонреден инспекциски надзор во Скопје, Битола, Струмица, Гостивар и Тетово. Инспекторите направите контрола на околу 30 компании, но надминување на граничните вредности на емисии забележале само во РЕК Битола.

Повеќе прочитајте на Радио Слободна Европа.