Трета година во низа македонскиот првак Вардар ќе го гледаме на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите, како ќе се бори за да го освои кровот на Европа. На „црвено-црните“ момци доволно им беше едно полувреме, она второто за да го замолчат „Вароши“ и да го елиминираат Пик Сегед во четвртфиналната фаза од најсилното европско клупско натпреварување.
Вардарци може загубија 29:25 (17:9), но овој пораз не значеше ништо, она што беше важно е дека „црвено-црните“ им се придружија на Барселона, Веспрем и Келце во „Ланксес“ арената.
Ако во првото полувреме им се случи се она што не сакаа, тогаш во второто вардаровите момци се надминаа себе си, се вратија од негативата од девет гола и ги претворија во пласман во Келн.
По тешкото прво полувреме во кое „црвено-црните“ имаа голем број на технички грешки и проблеми во реализацијата на нападот, поради длабоката дефанзивна линија на противникот, Пик Сегед не само што успеја да ја неутрализира предноста на Вардар од осум гола, туку и дојде на +1 (16:7).
Тешко играа вардарци, имаа нервозни испади, па дури и осум минути апстинираа од гол, пред Кристопанс да стави крај на серијата, а Дибиров да го затвори полувремето со 17:9.
Во продолжението Вардар се мачеше повторно, имаше нови -9 (22:13, 23:14), но како пресуден момент се покажа двојното исклучување во редовите на Унгарците, прво Македа, потоа и Банхиди, проработе и Милосављев, па „црвено-црните“ намалија на 25:23. Повторно влегоа во серија домашните 3-1 (29:24) на три ипол минути до крајот, но веќе беше доцна за се. Вардар фати ритам и се најде во Келн трета година во низа.