Пол Погба е во центарот на вниманието откако се врати во Манчестер Јунајтед на голема врата пред две години во трансфер вреден 105 милиони евра.
Ниту тој трансфер не можеше да ги замолкне шпекулациите за неговата следна средина, па така се споменуваа голем број клубови како Барселона, Реал Мадрид, па дури и враќање во Јувентус.
Меѓутоа, „Тутоспорт“ тврди дека Французинот би можел да се врати во Италија, но не во Торино, туку во Милано.
Клучниот човек во целата приказна е поранешниот оперативец на „Старата дама“ Бепе Марота кој наскоро би требало и официјално да стане директор на Интер, а кој има многу добар однос со Погба и неговиот менаџер Мино Раиола.
На Интер не му се заканува опасност од кршење на Финансискиот фер-плеј, влезе во Лигата на шампионите и ќе заработи голема сума на пари, но вистинско прашање е дали тоа ќе биде доволно за да го привлечат еден од најскапите фудбалери на светот.
Погба има проблеми со Жозе Мурињо без разлика на тоа колку луѓето во клубот се обидуваат да го сокријат сето тоа, останува да се види кој од нив двајца прв ќе го напушти Манчестер.