Ракитиќ со остри зборови до луѓето во Барселона: Не ме повреди тоа што не играм, туку нивниот однос

604

Хрватскиот интернационалец Иван Ракитиќ и ова лето се поврзува со заминување од редовите на Барселона.

За играчот од средниот ред веќе неколку трансфер периоди се пишува дека тој би можел да си оди од „Камп Ноу“, а иста е сиутацијата и сега кога го поврзуваат со трансфери во Интер или ПСЖ.

На целата оваа ситуација одговор даде самиот Ракитиќ кој во интервју за „Мундо Депортиво“ не штедеше зборови и кажа што му лежи на душата. Хрватот посочи дека не е вреќа со компири и дека сам ќе одлучи каде ќе продолжи, а откри и дека му пречи лошиот однос на дел од луѓето во Барселона кон него.

– Не сум вреќа со компири, сам ќе одлучам каде ќе играм. Сакам да бидам онаму каде што ме ценат. Веќе две години постојано се зборува за мое заминување од Барселона. На тоа секогаш одговарав исто, па тоа ќе го сторам и сега: Да се игра за Барселона за мене е совршенство, исполнување на соништата. Затоа би сакал до крајот на договорот да играм и уживам овде и да помогнам за освојување трофеи. Ако тоа не е возможно, ќе седнеме и ќе ја договориме разделбата. Сепак, мојата желба е да го одработам договорот со Барселона до крај, – изјави Ракитиќ а потоа се осврна на неговата помала минутажа оваа сезона.

– Не ме повреди тоа што не играм, туку односот кон мене. Минатата сезона ми беше најдобрата од сите шест во клубот, но и тогаш постојано некој се обидуваше да ме избрка од клубот. Тоа многу ме изненади и не можам да го сфатам, но прифатив се затоа што сакам се најдобро за тимот, соигрчаите и клубот. После тоа дојдоа лоши резултати, но на мене повторно не се сметаше и тоа многу ме повреди, – изјави Ракитиќ.