Секој може да клекне и да ја запроси својата девојка, но бостонскиот режисер Ли Лечлер сакал тој чин да биде нешто што ќе се прераскажува уште долго, долго време.
Ли и неговата долгогодишната девојка отишле на кино да го гледаат нејзиниот омилен анимиран филм “Заспаната убавица”. Пред крајот на проекцијата на остварувањето на Дизни, принцот Филип и принцезата Аурора започнале да наликуваат на Ли и неговата девојка.
Одненадеж, главниот јунак го “пробил” платното и му подал кутивче со веренички прстен на Лечлер, а потоа тој клекнал и ја запросил девојката. Салата загрмела од громогласен аплауз, а потоа следело и најсимпатичното објаснување.
Имено, Ли го “хакнал” цртаниот филм, а за амбициозноста на неговиот план зборува и фактот дека за тој посебен ден изнајмил кино сала и дури испечатил лажни билети за проекцијата. Само што во салата не се наоѓала обична публика, туку нивните семејства и пријатели кои исто така маестрално ги одиграле своите улоги.
“Не се случува секоја година да ја запросите вашата средношколска љубов. Во последните шест месеци соработував со аниматор за да го создадам ова, а последниот ден од 2019 година ѝ го поставив прашањето во кино салата која беше преполна со нашите пријатели и семејства”, напишал Ли во описот од видеото.
Исто така, режисерот имал и резервна снимка во случај неговата сакана да каже “не” – инсерт од цртаниот филм “Снежана и седумте џуџиња” во кој џуџињата плачат. Но, за среќа, немало потреба за инсертот – таа кажала “да”!