Државниот пазарен инспекторат вечерва затворил две познати кафулиња кои се наоѓаат во центарот на Скопје, објави СДК.МК.
Директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски за СДК.МК изјави дека првото кафуле кое се наоѓа во близина на Министерството за здравство и Клиничкиот центар било толку полно што луѓе не можеле да се разминат, а додека во вториот објект во населбата Капиштец имало журка како во времињата пред пандемијата.
Затворен е и локал во трговскиот центар „Мавровка“.
„Начекавме атмосфера на разиграни млади луѓе, гласна музика, со еден збор на големо кршење на ковид протоколите. Двете кафулињата ги празниме без асистенција на полиција. Ќе бидат затворени од 10 до 30 дена, ќе заработат парична казна од 5.200 евра, како и прекршочна пријава. Денеска затворивме и една игротека во која се славеше роденден со повеќе славеници“, вели директорот Пауновски.
Според фотографиите објавени од ДПИ може да се забележи дека и двете места се преполни со луѓе.
Инаку, според ковид протоколите за работа на угостителски објекти на сила е забраната за секаков вид на забави, во живо музика, како и погласна музика од 55 db.
Исто така, масите треба да се со растојание од 1,5 метри, додека пак на една маса можат да седат најмногу четири лица.