Ељиф Елмас имаше блескав натпревар во дресот на Македонија против Исланд, можеби еден од најдобрите во неговата репрезентативна кариера. Асот на Наполи беше нерешлива енигма за исландската одбрана, а неговата „магија“ на терени донесе два гола во противничниот гол и црвен картон за Јоханесон.
Неговите одлични партии за Македонија, како и за Наполи донесоа сериозен интерес од двата најголеми клубови од Шпанија. Имено, доколку ѝ веруваме на италијанскиот медиум „Туто Меркато Веб“, Реал Мадрид и Барселона застанаа во стројот на екипи кои го посакуваат македонскиот фудбалски дијамант.
Покрај шпанските гиганти, за услугите на Елмас има заинтересираност и од неколку германски клубови, што значи дека во следниот период Наполи ќе биде под сериозен притисок за иднината на нашиот репрезентативец.
Елмас беше најзаслужен за победата над Исланд од 3-1, но поради жолти картони нема да може да настапи во полуфиналето од баражот за Светското првенство во Катар.