Ребека: Олга и Трифун Костовски се од оние луѓе кои помагаат тивко – ваков бил, таков бил, а вие какви сте

2043

По пропаѓањето на Еуростандард банката, чиј мнозински акционери беа семејството Костовски, на прес се појавија Трифун и Коста Костовски и ги објаснија случувањата во банката, но и ги посочија виновниците кои довеле до една ваква ситуација.

По медиумите и социјалните мрежи, веднаш се развија дебати и се почна со навреди кон семејството Костовски, во насока на тоа од каде ним им биле парите, како ги заработиле, дали тоа било чесно, или нечесно.

Луѓето кои го познаваат Трифун, како и неговите деца, Олга и Коста, сведочат за една друга димензија на оваа семејство, тоа е онаа хумана димензија. И не само нивните блиски пријатели и роднини, туку и некои кои немале речиси никакви приватни контакти со семејството, а биле помогнати.

Познатата македонска композиторка и пијанистка, Дарија Андовска пред неколку денови се огласи на својот профил на социјалните мрежи, каде што сподели статус во кој опиша случка од далечната 2003 година која што досега за пошироката јавност не беше позната:

„Во2003. Поканета бев на фестивал во Баку, Азербејџан. Се разбира, сè покриено освен патот. И се разбира, далеку од тоа дека можев финансиски да си го дозволам патот како студент по композиција.

На многу врати тропнав, со поканата и со цело куферче програмчиња од концерти. Дел од одговорите кои ги добив:

Девојче, за тие пари можеш да чистиш шофершајбни на раскрсница. – Девојче, за тие пари не ни свикуваме состанок. – Девојче, вратата се затвора од другата страна.

Една колешка ме покани на “Глумците пеат”. На среде манифестација, кажаа дека Трифун Костовски е генерален спонзор и го поздравија. На пауза, јас решив дека ќе одам кај него. Мечка страв, мене не ме страв.

Се пробивав меѓу бодигардите, таква ситна, а тој ме здогледа и рече: -Повели, моме? Како ра фал изрециритав која сум, што правам, за што ми треба помош.

Ми рече да дојдам во сабота на Салвадор Дали бр. 1, во 12ч. Се истопорив со куферчето, цд-ата и со многу надеж. Ме прими, ме почести кафе и ми кажа дека авионската карта ќе можам да си ја подигнам таму и таму.

Ме поздрави со: – Животот е убав, уживајте го. Се симнував пешки по Водњанска во состојба на левитација. Кога си ја подигнав авионската карта, видов дека ми оставил дополнително пари “за џепарац”.“

За големината на Трифун, но и за една негова друга особина, а тоа е кога помага да не го прави тоа со Фанфари, зборува и нашата позната пејачка, Ребека Јанковска Ристески:

„Кој што сака нека мисли, тоа е Човек, еден од ретките, кој ми помогна кога сите ми лупаа врата во лице.

Г-динот Трифун Кoстовски и Олга Костовскa се луѓе за почит. Дали знаете на колкумина им имаат помогнато во земјава наша и пошироко. Тоа се оние луѓе кои помагаат тивко.

Познавам некои на кои им помогнале многу, живот им спасиле. Жално е многу ова што им се случува. Шанса треба да се даде на таквите луѓе, а не, веднаш катанец на врата. Сите сме грешни, но некои грешат постојано и им се простува.

Каква е оваа наша Македонија? Што се случи со луѓето?! Зарем со носот пикнати во перницата ќе градите држава, иднина?! Зарем копчето за активирање на бо мби ви е само важно и сеири да гледате.

Господи прости ни. Најважно од сè ви е да го видите човека на клада, на линч и да озборувате. Ваков бил, таков бил, а вие какви сте?!!!“