Гилберт Џеј Аренас Јуниор, роден на 6-ти Јануари 1982 година во Тампа, Флорида. Израснат е во Калифорнија, на долината Сан Фернандо во Лос Анцелес каде ги прави своите кошаркарски почетоци. Во средното училиште Јулис Грент, неговиот дрес е повлечен меѓу најдобрите.
На престижниот универзитет Аризона, Аренас важеше за еден од најдобрите стрелци во Америка. Во својата втора сезона го доведе тимот до финалето 2001 година (каде загубија од Дјук). По продуктивната колеџ кариера, на драфтот е избран како 31-ви пик од страна на Голден Стејт Вориорс.
Голден Стејт Вориорс (2001-2003)
По пристигнувањето во лигата, Аренас го одбира бројот 0 на неговиот дрес за да го означи бројот на минути што експертите му предвидувеле дека ќе ги одигра на универзитетско како и на професионално ниво.
Како дебитант постигнува 11 поени по натпревар. Веќе во втората сезона има рапиден напредок во играта. Постигнува речиси 19 поени и над 6 асистенции и ја освојува наградата за “Играч со најголем напредок” (за сезоната 2002-2003). По завршувањето на првенството, Гилберт беше “ограничен слободен агент” што му отвори можност да ја смени средината. Се реши за преселба во главниот град.
Вашингтон Визардс му понудија шестгодишен договор вреден 60 милиони долари кој без размислување го прифаќа. “Воините” не можеа да ја израмнат оваа понуда бидејќи Аренас беше пик во втората рунда на драфтот.
Ако Аренас беше драфтуван во првата рунда, ќе овозможеше на Голден Стејт да го задржат во својот тим. Подоцна беше имплементирано “Правилото на Гилберт Аренас“ за да им овозможи на тимовите повторно да потпишат ограничени слободни агенти, кои не беа пикови во првиот круг на драфтот.
Вашингтон Визардс (2003-2010)
Првата сезона во главниот град, новиот бек шутер постигнуваше скоро 20 поени по натпревар. Аренас цела сезона се бореше со повреда на стомачниот мускул а откако навивачите разбраа со какви болки настапувал, уште повеќе го ценеа неговиот карактер и борбеност на теренот.
Во следната сезона (2004–2005) Аренас ја подигна играта на уште повисоко ниво. Стана “All-Star” играч а тимот се пласираше за прв пат во плејофот по пауза од 8 години. Со 25.5 поени беше седми стрелец тоа првенство. Веќе следната година (2005-2006) го добива прекарот “Ејџент Зироу” а се појасно станува дека Аренас е вистински кошмар за противничките одбрани. Во тимот настапува со тандем крила кој важеше за еден од најквалитетните во лигата, Ентоан Џејмисон и Керон Батлер.
“Гил” е лидер на тимот. Постигнува по скоро 30 поени по меч и (апсолутно) го заслужува новиот договор кој управата планира да му го понуди.
Летото 2006 година, дава изјава дека се повлекува од подготовките на репрезентацијата на САД поради тоа што смета дека помошните тренери (Мајк Д’Ентони и Нејт МекМилан) имаат нешто лично против него. По изјавата дојде и ветување дека против нивните тимови (Феникс и Портланд) ќе постигне 50 поени во првенството. Тоа секако и го стори.
На 17-ти Декември 2006 година, Вашингтон гостува на местото кое Аренас го смета за свој дом, Лос Анџелес. Постигнува рекорд во кариерата од 60 поени против легендарниот Коби Брајант. Сезоната 2006-2007 е трета по ред која “Гил” е “All-Star” но, и трета по ред како “волшебниците” не успеваат да направат поконкретен продор во доигрувањето. Крајот на првенството ја донесе и првата сериозна повреда. Аренас претрпе кинење на лигаментите во левото колено.
По паузата за рехабилитација следуваше кратко враќање на сцената. Во 2008 одигра само 13 натпревари поради настојувањето на тимските доктори да не избрзува со својот “come back” туку свеж да ја започне сезоната 2008-2009. На 13-ти Јули 2008 година стигна наградата. Доби нов шестгодишен договор вреден 111 милиони долари. Аренас стана еден од најплатените играчи во NBA. Поради долгиот период на рехабилитација и константните напори за што побрзо враќање на теренот дојде и до нови проблеми. Лекарскиот тим констатира дека по само 2 натпревари (во сезоната ‘08/’09) Аренас ќе треба повторно да оди на операција. Следи нова пауза од цели 11 месеци.
Сезона 2009-2010 беше долгочекувана како за нашиот херој во приказната така и за челниците на тимот кој го очекуваа својот најдобар (и најплатен) играч да се врати на теренот, конечно здрав и подготвен за игра. Пристигнува во голема форма и навивачите беа во делириум. На моменти се чинеше какo “Ејџент Зироу” никогаш да не паузирал. Тогаш се случи најнеочекуваното.
Инцидент со огнено оружје
На 24-ти Декември 2009 година, од страна на медиумите беше објавено дека Аренас признал дека чувал огнено оружје во својот шкаф (во соблекувалната на арената “Capital One”) и го предал на обезбедувањето на тимот. Со тоа, тој не само што ги прекрши правилата против внесување огнено оружје во арената, туку ги прекрши и прописите на градот Вашингтон.
На 1-ви јануари 2010 година, исто така беше објавено дека Аренас и соиграчот Џаварис Критентон впериле пиштоли еден кон друг во соблекувалната на “Визардси”. Причина за инцидентот била коцкарски долг. Кога сме кај Критентон, се работи за играч кој само три години по овој инцидент заврши зад решетки поради убиство.
На 14-ти Јануари 2010, Аренас веќе доби кривична пријава а управата реагираше со суспензија за својот лидер. Острата санкција значеше дека нема право на настап до крајот на сезоната и по само 33 одиграни натпревари првенството за него беше завршено.
Следната сезона (2010-2011) Аренас го промени бројот од 0 во 9, тврдејќи дека го остава својот “стар идентитет” зад себе. Инцидентот за него беше минато. Во тимот пристигна првиот пик, бекот Џон Вол кој даде изјава дека Аренас е еден од неговите омилени играчи додека растрел. Гилберт со воодушевување ја прифати улогата на ментор спрема своите помлади соиграчи. Навивачите заборавија на проблемите но, не и управата на тимот. По 24 натпревари (и ужасен скор од 6-18), на 18-ти Декември 2010 година, го испраќа во Орландо.
Орландо / Мемфис / Кина (2010–2013)
На Флорида, Аренас избрира да го носи бројот 1 на својот дрес во чест на неговиот омилен играч, Пени Хардавеј. Добива нова улога, резервен играч која не му се допаѓа но, ја прифаќа. Намалената минутажа влијае на неговата игра. За “магичните” настапува на 49 средби пред да биде ослободен од обврските.
На 20-ти март 2012 година, Мемфис Гризлис го ангажира Аренас.
Неговата примарна улога во Тенеси беше повторно да биде ментор и резервен бек, овој пат на Мајк Конли Јуниор. И покрај тоа што беше топло прифатен од соиграчите, одигрува само 17 натпревари пред да почне да бара нов ангажман.
Откако увиде дека нема интерес од ниту еден NBA тим (на 19-ти Декември 2012) заминува во Кина каде потпишува за Шангај Шаркс. За “aјкулите” настапува на 14 средби со просек од 20 поени по меч. По завршувањето на сезоната решава да стави крај на професионалната кариера на (само) 31 годишна возраст.
Интересен е податокот што и покрај тоа беше неактивен (“пензиониран”) играч, Аренас “примаше плата” од своите поранешни NBA тимови се до 2015 година бидејќи во договорот кој претходно го потпиша средствата во најголем процент му беа загарантирани.
Пост играчки денови
Денес, Аренас е активен на социјалните мрежи, како водител на свое спортско шоу на YouTube, преку свој подкаст “No Chill Gill”. Настапуваше (во два наврати) во летната “BIG 3” – “баскет лига”, каде потоа стана тренер.
Има четири деца со Лора Гоуван, со која беше заедно од 2002 до 2014 година. Еден од неговите најголеми пријатели е раперот “Тhe Game” како и легендарниот “Ice Cube”.
Претставува еден од најголемите стрелци во NBA кој повредите го спречија да го покаже својот полн потенцијал. Во своите најдобри денови можеме слободно да кажеме дека беше подеднакво опасен како огнено оружје.
NBA FAN
Димитар Младеновски