Ревакцинација со Астразенека ќе се врши по 6 недели, наместо по 12 како досега

494

Втората доза од вакцината Астразенека наместо по 12 недели од првата, како што беше досега, ќе се прима по 6 недели, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

„Во упатството има една флексибилност, тоа е од 4-12 недели. Ние бевме многу внимателни, чекајќи ги сите публикации и искуства на другите земји во однос на првично регистрираните несакани ефекти. Како времето одминува и гледаме дека тој ризик е минимален, одлучивме ревакцината да не биде на минимумот од 4 недели, туку да биде на 6 недели“, рече Филипче.

Сепак, додаде тој, останува препораката оваа вакцина да ја примаат само лицата постари од 60 години.

По посетата на вакциналниот пункт во Шуто Оризари, Филипче информираше и дека од денес до четврток ќе се закажуваат термини за вакцинација на децата со „Фајзер“, а од петок ќе почне и вакцинацијата.

Во однос на нови случаи на делта или друг сој во земјава тој кажа дека освен досегашните десетина случаи, нема нови, а за лицата во Тетово било потврдено дека се заразени од бразилскиот сој. Според него, веројатно ќе има нови соеви и мутации, како што има и во регионот и низ цела Европа, и затоа акцентот е ставен на вакцинацијата со цел да се спречи нов бран.

На новинарско прашање дали се размислува да се воведе некаква контрола за влез на странски државјани во земјава, Филипче изјави дека нема логика за едни граѓани да се бара нешто, а за други не ако престојувале во странство.

„Во таа смисла сега ситуацијата е навистина мирна. Имаме различни сценарија во различни земји во кои и покрај тоа што има рестриктивни мерки во смисла на тоа да се бараат документи, има огромен пораст на случаите. И затоа ставаме акцент на вакцинацијата како единствен механизам да се зголеми колективниот имунитет и да се спречи нов бран“, изјави Филипче.

Тој додаде дека во Велика Британија има огромен број нови случаи, но битно е дека нема смртни случаи и тоа е суштината, што се постигнува со вакцинацијата.

„Така се конструирани и нашите политики. Со сите овие механизми што ги имаме – кампањите, теренската вакцинација…, да се вакцинираат што поголем број на граѓани. Веројатно ќе има и нови соеви на вирусот, веројатно ќе има и нови мутации. Меѓутоа, со рестрикции не можеме да живееме. Вака ќе го вратиме нормалниот начин на живот“, вели Филипче.