По девет сезони поминати во шпанскиот фудбалски гигиант Реал Мадрид, Португалецот Кристијано Роналдо од наредната сезона ќе го носи дресот на италијанскиот шампион Јувентус. Кики по завршување на одморот во Грција и официјално беше претставен пред околу 300 новинари во Торино, а неговите први зборови беа:
-За мене беше лесна одлука да дојдам тука. Ова е важен чекор во мојата кариера. Јувентус е голем клуб со одличен тренер и претседател. Се работи за еден од најдобрите клубови во светот, сигурно најдобар во Италија. Од мал сакав предизвици, па токму тоа ме натера на оваа одлука. Сакам да размислувам само за сегашноста. Испишав историја во Реал Мадрид, би сакал да им се заблагодарам на мадриѓаните. Ова е нова етапа од мојот живот. Немам ништо што да докажувам тука. Бројките кажуваат сами за себе. Сакам да испишам историја со Јувентус и мислам дека работите ќе бидат како што треба. Знам дека сите ја посакуваат Лигата на шампионите, но сметам дека ќе се бориме за сите трофеи. Голот што го постигнав тука и овациите кои ги добив ме мотивираат да започнам да играм тука, изјави Роналдо.
Португалецот веќе има одбрано и луксузна вила во која ќе престојува додека игра за „старата дама#. Станува збор за раскошен имот за кој фудбалерот годишно ќе треба да одвои по 600.000 евра. Целиот имот, односно вилата Сан Вито се протега на илјадници километри квадратни, има осум спални соби, базен, турска бања и два тајни излези за да се избегнуваат папараците.
На имотот претходно имаат живеено Зинедин Зидан и Фабио Канаваро, во времето кога го носеа дресот на Јувентус, како и претседателите на клубот кои плаќаа преку половина милион евра годишно за рента.
Роналдо за 100 милиони евра премина во италијанскиот клуб, откако кралскиот клуб клаузулата за негов откуп ја спушти од милијарда на 100 милиони евра, но само за клубовите кои не му се директни конкуренти на Реал Мадрид. За Барселона клаузулата беше милијарда евра.