Рот за бегството на Груевски: Унгарија ги отвори границите за мигрантите, неверојатно

776

Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, доцна вчера на својот твитер-профил напиша „Унгарија ги отвори границите за мигрантите, неверојатно“, по информациите дека експремеирот на Македонија, Никола Груевски, избега токму во Будимпешта, Унгарија.

Статусот на социјалната мрежа „Твитер“ на Рот е поврзан со линк од вест на политико.еу во која се наведува дека македонскиот експремиер на социјалната мрежа „Фејсбук“ соопштил дека си заминал од Македонија и дека ќе бара политички азил во Унгарија.

Груевски во Унгарија бара азил бидејќи, како што напиша завчера во својата порака, не се чувствува безбедно во Македонија бидејќи во последните неколку денови, вели тој, добил безброј закани по живот. Груевски во земјава е обвинет за случајот со набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра и е осуден на казна затвор во времетраење од две години. Покрај овој случај, тој е обвинет и во уште неколку други случаи кои ги води СЈО.