Русија најави забрана на увоз на праски од Македонија од 15 август

869

Русија најави дека од 15 август ќе воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Србија и Македонија поради загриженоста за безбедноста, соопшти рускиот регулатор за безбедност на храна, пренесува Ројтерс.

Летово од Македонија во Русија беа извезени три милиони килограми праски, а оттаму поради сомнеж дека се заразени, вратени се 120 илјади килограми.

Регулаторот, како што пренесува Ројтерс, соопштил дека во српските праски и кајсии увезени од 13 јули била откриена габичката „Monilinia fructicola“.

Според рускиот регулатор, истата габичка била пронајдена и во плодови од Македонија.

Руската амбасада во Скопје, за МИА потврдила дека според информациите објавени на интернет страницата на руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола „Роселкхознадзор“, воведена е привремена забрана за увоз на коскести овошја од Македонија, која што стапува на сила од 15 август, како и дека одлука за понатамошно постапување ќе биде донесена по завршување на истрагата на двата надлежни органи од Русија и Македонија.

Од амбасадата на Русија додавата дека за оваа сезона од Македонија во Русија биле извезени три милиони килограми праски, а вратени поради сомнеж дека се заразени биле 120 илјади килограми.

Исто така, посочуваат дека сезоната за ова овошје е при крај и дека не биле предвидени други испораки.

Овоштари од Росоманско попладнево изразија вознемиреност по најавата на рускиот регулатор за безбедност на храна дека од 15 август ќе воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Македонија и Србија поради загриженост за безбедноста.

„Во моментов околу 500 тони праски чекаат во ладилникот, имаме најава за 20 камиони за утовар за Русија, но сега работата е стопирана.

Ова се и последните количини на праска зашто бербата е при крај”, изјавил Владо Орданов од Росоман, еден од поголемите откупувачи на праски и сопственик на ладилник, јавува МИА.

Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев вели дека во моментов бербата на последните сорти праски е при крај.

„За оваа година бербата на праските е при крај и сметам дека нема да се одрази негативно, но долгорочно ако се гледа не е добар потег”, додаде Јанев.

Општина Росоман е најголем производител на праски во Македонија.