Русија се обидува да го одржи чекорот: Путин најави нови 26 бродови и крстосувачки ракети за воената морнарица

781

Русија оваа година ќе ја зајакне својата воена морнарица со нови 26 бродови од кои што само четири ќе бидат опремени со крстосувачките ракети од типот „Калибр“, соопшти рускиот претседател Владимир Путин.

Претседателот на Русија соопшти дека руската воена морнарица наскоро ќе биде засилена со бројни нови бродови.

„Севкупно во 2018-та година нашата воена морнарица ќе биде побогата за 26 нови бродови, од кои што четири ќе бидат опремени со „Калибр“ крстосувачките ракети“, изјави рускиот претседател Владимир Путин на прославата на „Денот на морнарицата“ во Санкт Петербург.

Крстосувачките ракети „Калибр“ кои што имаат домет од 1900 километри, се еквивалент на американските крстосувачки ракети „Томахавк“ чиј што домет е 2500 километри.

Руската воена морнарица во последните неколку години ги користеше токму овие крстосувачки ракети во воените напади на цели во Сирија, а ракетите беа лансирани од руските воени бродови стационирани во источниот дел од Средоземното море.

Командантот на Црноморската флота при руската воена морнарица стационирана во Севастопољ вицеадмиралот Александар Моисејев, изјави дека неговите сили до крајот на годината ќе бидат засилени со шест нови воени бродови.

Рускиот претседател во текот на вчерашниот ден присусвуваше на големата парада на реката Нева во која што учествуваа 39 бродови, 40 борбени авиони и хеликоптери, како и околу 4 илјади припадници на руската армија.