Русија за инцидентот кај Јужна Кореја: Какви истрели за предупредување? Да имаше, ќе одговоревме адекватно

880

Руските авиони “Tu-95MS” не го нарушиле воздушниот простор на други држави во текот на летот над Јапонското море, соопштило Министерството за одбрана на Русија.

Кај островот Токто на руските бомбардери им пришле два јужнокорејски ловци F-16 кои извеле непрофесионални маневри, преминувајќи го курсот на руските стратешки авиони и создавајќи закана за нивната безбедност.

“Јужнокорејските ловци не го контактираа екипажот на Tu-95MS и по испалувањето на топлотниот мамец од F-16, извеле маневар, оддалечувајќи се од руските авиони”, се наведува во соопштението.

Од руското Министерство за одбрана соопштиле дека, според податоците за објективна контрола, авионот “Tu-95MS” летал во склад со договорениот план и во склад со меѓународното право, на оддалеченост од 25 километри од островот Токто. Воздушниот простор на Јужна Кореја не бил нарушен.

Тие додале дека ова не е прв пат корејски пилоти да се обидуваат да попречуваат летови на руската авијација над неутралните води на Јапонското море, повикувајќи се на некоја нивна произволна зона за противвоздушна одбрана, која ја поставила самата Јужна Кореја.

Таквите “зони” не се во склад со меѓународните правила и не ги признава Руската Федерација – “за што неколку пати била известена јужнокорејската страна преку различни канали”.

Тие додале дека јужнокорејските авиони не испалиле никакви истрели за предупредување. Ако се случело тоа – ќе уследел одговор. “Немаше никакво пукање за предупредување. Ако руските пилоти почувствуваа закана за својата безбедност – ќе имаше одговор”, нагласиле од Министерството за одбрана на Русија.

Претходно било соопштено дека авионите на Воздушно-космичките сили на Русија два пати го нарушиле воздушниот простор на Јужна Кореја во подрачјето на Јапонското море.