Руската воена морнарица тестираше 10 противбродски ракети од типот „3М22 Циркон“, пренесува руската новинска агенција „ТАСС“.
Како што пренесува споменатиот медиум, лансираните ракети успешно ги погодиле целите кои што биле оддалечени стотина километри. Според руските воени извори, ракетите „повторно успешно уништиле поморски мети додека истовремено летале со хиперсонична брзина“.
Последните тестирања на ова „неуништливо оружје“ беа спроведени на 10-ти декември, откриваат американски разузнавачки извори за “CNBC”. Според нивните зборови, овие проектили достигнуваат брзина од три километри во секунда, што е за осум пати побрзо од брзината на звукот. Се верува дека ракетите се толку брзи, така што можат да ги избегнат сите против-оружја.
Соединетите Американски Држави стравуваат дека Русија до 2021-ва година би можела да започне со масовно производство на овие проектили, а истите руската армија да може да ги користи од 2022-ра година.
„Минатонеделниот успешен тест покажа дека Русите се способни да постигнат континуиран лет, што е од суштинско значење за развојот на хиперсоничното оружје. Тоа што го видовме е посебно оружје кое што ќе може да се користи за две работи: против мети на земјата и против пловила на море“, открил извор од руската армија за тамошните медиуми.
Се очекува проектилите од типот „Циркон“ да се најдат на воените бродови од класата „Киров“, а се претпоставува дека бродовите „Адмирал Накимов“ и „Пјотр Велики“ веќе се модернизираат поради таа намена.
Русија исто така развива и хиперсонични крстосувачки ракети од типот „Кх-47М2 Кинжал“ – станува збор за ракети кои што би требало да летаат со брзина 10 пати поголема од брзината на звукот. Тие ракети уште во март ги најави рускиот претседател Владимир Путин, кој што порача дека ракетите ќе може да пренесат нуклеарни боеви глави на далечина до 2 илјади километри.
Претходно овој месец американската влада предупреди дека „Кина и Русија работат на развој на хиперсонично оружје, а нивната брзина и способност за маневрирање можат да ги победат најголемиот дел од против-ракетните системи“.