Русите со остра порака до Американците: Сакате да ја напуштиме Венецуела? Покажете нѝ со личен пример

1449

Шефот на Меѓународниот комитет при Советот на Руската Федерација, Константин Косачев даде свој коментар за изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој порача дека „Русија мора да ја напушти Венецуела“.

Косачев смета дека САД најпрвин тоа треба да го демонстрираат со еден личен пример. Според него, Трамп се обидува дрско да се вмеша во односите на две суверени земји.

„Тој се обидува да ѝ диктира на Русија што може и што не може да прави во една партнерска земја. Ќе го потсетам дека тоа е земја која е призната членка на меѓународната заедница и земја членка на Обединетите нации“, порача Косачев на својот профил на Фејсбук и додаде:

„Тоа е земја која не е под никакви санкции од гледна точка на воено-техничка соработка, а Русија во таа сфера соработката ја развива сосема легално, во рамките на меѓународното право“.

Меѓу другото, Косачев ги повика Американците преку свој пример, да покажат како се повлекува од некоја земја.

„Логичен одговор на повикот на Вашингтон, Русија да напушти некоја земја е предлогот, тие да покажат пример како се прави тоа. Списокот на земјите надвор од западната хемисфера, каде што Америка нема што да бара е преголем“, порача Косачев.

Да потсетиме, минатиот викенд во Венецуела слетаа два руски воени авиони кои наводно пренеле припадници на руската армија и специјална единица за сајбер безбедност.

Покрај Доналд Трамп, кој што порача дека „Русија ќе мора да се повлече од Венецуела“, уште неколку високи функционери од Белата куќа го порачаа истото. Неодамна, советникот за национална одбрана на САД, Џон Болтон порача дека Вашингтон „нема да дозволи непријателско мешање во западната хемисфера“.