Руски „ФСБ“ објави тајна видео снимка од наводната средба на близок соработник на Алексеј Навални со вработен во британската амбасада за кој се тврди дека е шпион на „МИ6“. Двајцата наводно разговарале за финансирање.
Руската Федерална безбедносна служба „ФСБ“ објави видео снимка која била направена пред десетина години, а на која може да се види Владимир Ашурков, поранешен соработник на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, со човек кој наводно е британски шпион.
На снимката Ашурков бара финансиска помош за „анти-корупциското делување“ на Алексеј Навални.
Снимката синоќа ја објави провладиниот руски медиум „РТ“, наведувајќи дека „ФСБ“ ја направиле снимката во текот на 2012-та година. На снимката во друштво на Ашурков е вработениот во британската амбасада во Москва, Џејмс Вилијам Томас Форд, а „ФСБ“ тврди дека Британецот е всушност шпион на „МИ6“.
„Ако би имале повеќе пари, би можеле, јасно, да го прошириме нашиот тим. Потребни ни се уште малку пари. Да речеме, 10 или 20 милиони долари годишно. Ова не е голема сума за луѓето кои имаат влогови од милијарди долари. И тоа е пораката која се обидувам да ја пренесам во настојувањето за собирање на средства“, рече Ашурков.
Сега се чека коментар од страна на Навални и неговиот тим, но критичарите сметаат дека со оглед на тоа што станува збор за стара снимка, јасно е дека руските власти моментално немаат што да понудат за да го дискредитираат опозиционерот.
Треба да се напомене дека ова видео експресно се прошири низ руските државни медиуми, за разлика од видеото кое неодамна го објави Навални, а наводно ја прикажува палатата на Владимир Путин на Црното море.