Руските научници го кријат извештајот за Сибир: Замислете што би се случило ако го објавиме ова?

658

Руските научници ја блокираа објавата на извештајот за загадување во Русија во страв дека тоа би можело да ги налути гласачите ако се објави пред парламентарните избори закажани за септември оваа година, пренесува сибирскиот портал „Тајга“.

Како што пренесува овој портал, сибирскиот огранок на Руската академија на науките заклучиле дека дури 78% од најзагадените руски градови се наоѓаат на подрачјето на Сибир, а овие податоци ги поврзале со зголемениот број на пореметувања кај новороденчињата, детските болести и карцином забележани во овој руски регион.

Од сибирскиот огранок на Руската академија на науките наводно одлучиле да ја стават ознаката за тајност на извештајот за загадувањето и ги блокирале снимките од јавната расправа кои биле објавени на „ЈуТјуб“.

Новинарите на „Тајга“ кои ја виделе снимката тврдат дека на блокирање на извештајот повикувал Алексеј Конторович, основач на Институтот за геологија, нафта и гас при Сибирскиот огранок на академијата на науките.

„Замислете да ги објавиме овие извештаи со концентрирани информации, како бомби, пред самите избори. Што би се случило? Тешко е да се предвиди. Немаме право да го направиме тоа, затоа мораме внимателно да постапиме со објавата. Не смееме да ја вознемириме јавноста со непотребни прашања“, изјавил Конторович на снимката која подоцна била повлечена од „ЈуТјуб“.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков вчера пред новинарите изјави дека владата во никој случај не се обидела да го сопре објавувањето на вознемирувачкиот извештај и нагласи дека „научниците сами одлучиле да го направат тоа“.