Директорот на Руската вселенска агенција “Роскосмос”, Дмитриј Рогозин, и предложил на Кина создавање на заедничка база на Месечината, од каде двете земји би тргнале во освојување на длабоката вселена.
Рогозин оваа понуда за Пекинг, секако одобрена од самиот државен врв, ја изнел на Меѓународниот економски форум кој се одржува во Санкт-Петербург. Нагласил дека тоа здружување на силите би можело да има голема иднина бидејќи Кина и Русија со заеднички сили можат да остварат “големи резултати”.
Рогозин пред неколку дена изјавил дека рускиот вселенски брод со екипаж ќе тргне на Месечината дури кога “Роскосмос” ќе биде уверен дека тоа е “сигурна мисија”.
Претходно објавил дека Русите би можеле да стапнат на Месечината во 2030-та година. Навел дека веднаш потоа ќе почне изградба на “населба за астронаути”.
Кина е прва во светот по бројот на лансирање на сателити и има амбиција да создаде своја орбитална станица која би кружела околу Месечината.
Русија наводно веќе неколку години работи на вселенски брод со електрични мотори, како и на атомски брод, кои ќе функционираат така што атомскиот реактор ќе го придвижува турбогенератор кој ќе произведува струја, а таа ќе придвижува јонски мотори со голема сила.
Таквите бродови може да функционираат само во вселената. Нивните мотори ќе може да работат и подолго од една година, но имаат мала “влечна сила”. На Земјата со нив не може да се направи ништо сериозно, но во вселената ќе обезбедуваат летови кон други планети и астероиди.
“Роскосмос” го развива проектот “Сфера” со кој се предвидува пораст на бројот на руски сателити за сондирање од Земјата на дури 600.
Роскосмос се подготвува по 2024-та година, кога заедничкото користење на Меѓународната вселенска станица ќе биде завршено, да почне својот дел да го користи како самостојна станица. За тоа ќе биде потребен поголем внатрешен простор за астронаути и повеќе соларни панели за добивање на струја. Рускиот вселенски проект “Луна 25” нема да почне пред 2021-ва година.