Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ја предупреди Русија да не ја снабдува Сирија со напреден систем за ракетна одбрана, оценувајќи го тоа како голема грешка.
Вашингтон додава дека силите на САД ќе останат во Сирија додека во земјата се присутни силите на Иран. Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, изјави дека испораката на рускиот систем за противавионска и противракетна одбрана „С-300“ би предизвикал значајна ескалација на и така големите тензии на Блискиот Исток.
Додаде дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео, за тоа разговарал со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за време на годинешното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Претходно денеска рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, истакна дека Русија ќе ѝ го предаде модерниот систем за воздушна одбрана „С-300“ на Сирија во текот на следните две недели.
„Овој систем е способен да пресретне средства за воздушен напад во опсег од повеќе од 250 км и истовремено да погоди неколку воздушни цели“, рече тој.
Шојгу истакна дека со оглед на високата ефикасност и брзината на огнот, системот значително ќе ја зајакне борбената способност на сириската противвоздушна одбрана, а порталот РТ вели дека испораката на „С-300“ е дел од одговорот за соборувањето на рускиот „иљушин – 20“.