Салвини: За неколку месеци јас и Орбан ќе владееме со Европа

889

Министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, и вицеканцеларот на Австрија, Хајнц Кристијан Штрахе, демонстративно застанаа зад унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

„Убеден сум дека за неколку месеци, заедно со Орбан, ќе владееме“, порача Салвини. „Санкциите против унгарскиот народ и Влада се политички акт и лудост“, додаде тој.

Салвини и Штрахе во Виена најавија понатамошна соработка на Слободарската партија на Австрија (ФПО) и италијанската „Лига“ на претстојните избори во Европскиот парламент.

„На изборите следната година, целосно ќе ја промениме Европа и ќе ги исфрлиме социјалистите од европските влади“, уверен е Салвини. Тој рече дека соработува и со други партии, држави и влади, за, како што вели, да ја смени историјата на континентот во мај следната година.

Орбан претходно соопшти дека Владата в понеделник ќе донесе одлука за правните чекори што ќе ги преземе за да се спротивстави на одлуката на Европскиот парламент. „Ројтерс“ пренесе дека Орбан во разговор на унгарското државно радио рекол оти очекува сериозна правна дебата во врска со оваа одлука. ЕП претходно донесе одлука за почеток на казнена процедура против Будимпешта поради непочитување на демократските стандарди на Унијата.