Тајландскиот крал Маха Вајиралонгкорн во екот на пандемијата на коронавирусот се самоизолираше во луксузен хотел во алпскиот резорт Гармиш-Партенкирхен во Германија.
Откако германските медиуми открија дека тајландскиот крал ужива во самоизолација во популарниот баварски хотел, сега се појави информација дека тој со себе има „харем“ од 20 конкубини и бројни слуги, додека не е познато каде се наоѓаат неговите четири сопруги.
Сите пансиони и хотели во регионот се затворени, но не и “Grand Hotel Sonnenbichl” каде што сега престојува 64-годишниот крал Маха.
Во меѓувреме, Тајланд се бори со пандемијата на Ковид-19, а граѓаните веќе и се осудуваат да протестираат за тоа што нивниот крал додека трае кризата ужива, притоа знаејќи дека ги прекршуваат законите кои забрануваат критикување на кралското семејство.
Хаштагот „Зошто ни треба крал?“ е споделен дури 1,2 милиони пати на социјалната мрежа Твитер, откако го започнал активистот Сомсак Јеамтерасакул кој се наоѓа во егзил во Франција.
Кралот Маха не бил виден во јавност уште од февруари. Тој често не е во својата земја, а најчесто времето го поминува во Германија со своите љубовници. Познат е по тоа што досега имаше многу жени, како и бурни разводи.
Инаку, во Тајланд досега се регистрирани повеќе од 1,300 случаи на заразени со коронавирус, а седум лица починаа. Само минатата сабота беа регистрирани 109 нови случаи.