Сара Џесика Паркер откри околу што ќе се врти заплетот на култната серија: Кери Бредшо ја менува професијата!?

533

Новата серија „And Just Like That…“, која ќе ги следи Кери, Шарлот и Миранда во 50-те години, ќе биде многу пореална и поблиска до сè што навистина се случува, откри Сара Џесика Паркер која се прашува дали хероината која ја толкува наместо колумни во весник сега ќе снима – подкаст?

Култната серија „Сексот и градот“ ги освои гледачите со отворените женски разговори на главните хероини, но и ведриот, живописен приказ на Њујорк како град кој никогаш не спие.

Излегувања, шопинг, бранч во омилениот локал.. сето тоа зачинето со оптимистичка музика и одличен хумор, е рецептот на кој постигнаа успех креаторите на серијата кои нè забавуваа од 1998-ма до 2004-та година, но изгледа дека ништо нема да биде исто.

Веста за продолжението на „Сексот и градот“, и тоа во облик на серија под назив „Just Like That…“, прво ги развесели фановите, а потоа разочара многумина кога дознаа дека на актерската екипа нема да ѝ се придружи Ким Катрал во улога на Саманта Џоунс, која многумина ја сметаа за најзабавен лик на серијата.

Но, изгледа дека Саманта не е единствениот ‘забавен елемент’ кој ќе недостасува – Сара Џесика Паркер штотуку откри во кој период е поставена серијата, што автоматски ги исклучува епизодите со лудите излегувања.

Многу пореален приказ на вистинскиот живот

Имено, во разговор за „Vanity Fair“, Сара наговести дека новите епизоди ќе бидат ‘пореални’ и откри дека ќе го прикажат Њујорк во период на пандемија.

Бидејќи заплетот ќе ги следи Кери, Миранда и Шарлот во нивните 50-ти години, Сара Џесика Паркер изјавила дека очекува писателите да го вклучат своето ‘животно искуство’, но и политичките елементи за кои е важно да се зборува во 2021-ва година. Актерката додала и дека можно е Кери да биде домаќин на подкаст во новите епизоди.

Актерската екипа е повеќе од возбудена

„Синтија, Кристин и јас сме многу возбудени и едвај чекаме да видиме што се случувало во животите на нашите хероини. Знаете, кои се тие во денешниот свет? Дали се вклопиле? Какви улоги играат? Во што се разочарале како жени и пријателки и каде го нашле својот пат“, открила Сара Џесика Паркер.

За серијата „And Just Like That…“

Новата серија со веќе добро познатите ликови ќе се вика „And Just Like That…“, според препознатливата реченица која Кери Бредшо често ја изговараше во „Сексот и градот“, а ќе ги следи животите на главните хероини кои сега се во своите 50-ти години и се обидуваат да пронајдат баланс помеѓу љубовта, пријателските односи и кариерите. Нè очекуваат 10 епизоди од кои секоја ќе трае по половина час.

Мајкл Патрик Кинг, кој работел и на оригиналната серија, ќе се најде во улога на извршен продуцент, а уште не се познати голем број детали. Па така, не се знае кога новата серија ќе почне да се снима, а кога ќе се емитува, дали на веќе познатата екипа ќе ѝ се придружат и нови актери и дали Ѕверката ќе нè почести со своето присуство…

На тие прашања сè уште немаме одговори.