Италијанската бискупска конференција минатата недела објави дека текстот на молитвата Оче наш ќе се смени, објави агенцијата АНСА.
Наместо делот од молитвата „не воведувај нѐ во искушение“, во новата верзија ќе се вели „не напуштај нè во искушение“.
Реализацијата на промената е претходно најавена од папата.
Според Ватикан инсајдер, новата верзија на молитвата веќе неколку години е присутна во една верзија на Библијата, но сега италијанските епископи ја одобриле за миси.
Папата Франциско уште пред една година, изрази желба Католичката црква да усвои подобар превод на фразата „не воведувај нѐ во искушение“ од Оче наш, најпозната христијанска молитва.
„Тоа не е добар превод“, рече тогаш Папата.
Папата тогаш објасни дека не е Бог тој кој ги доведува луѓето во искушение. Тој укажа на фактот дека Католичката црква во Франција ја сменила фразата во молитва така што таа гласи: „Не дозволувај да паднеме во искушение“ и укажа дека нешто слично би требало да се примени и на друго место.
Сегашната верзија на Оче наш е од Вулгата (латински превод на Библијата од 4 век), која пак од латински е преведена од старогрчки, а таа од арамејски, јазикот на кој наводно говорел Исус.