Турското министерство за надворешни работи денеска ги осуди изјавите на грчките службеници и палењето на турското знаме на протестите во Грција по повод конверзијата на Аја Софија, известува “Reuters”.
“Грција уште еднаш го демонстрираше непријателството кон исламот и Турција, пронаоѓајќи повод во отворањето на џамијата Аја Софија за верниците од муслиманската вера”, оценил претставникот на турското министерство за надворешни работи, Хами Аксој.

Ширум Грција вчера ѕвонеа црквени ѕвона во знак на жалост што турскиот претседател Реџеп Таип Ергодан присуствувал на молитвата во Аја Софија.
Зборувајќи по повод 46-годишнината од враќањето на демократијата во Грција, премиерот Кирјакос Мицотакис ја нарече Турција “силеџија”, а претворањето на Аја Софија во џамија – “навреда за цивилизацијата на 21-от век”.

Ова е само уште една капка во чашата на недоразбирања и конфликти кои веќе со децении ги тресат грчко-турските односи.
Протести во Грција
Во Атина и Солун во петокот се одржаа протести поради одлуката на турските власти некогашната православна црква и музеј Аја Софија во Истанбул да ја преименуваат во џамија.

Над стотина луѓе се молеле и пееле во текот на протестите во Атина, носејќи слогани “Не за новиот отоманизам” и извикувајќи пароли против “второто поглавје на Костантинопол во турска изведба”, јавува “EuroNews”.
На протестите во Солун се собрале околу 150 луѓе.

Поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јероним Втори, ја нарече промената во Истанбул “нечесно поразително дело”, истакнувајќи дека денеска е “ден на жалост за сите христијани”.