Познатиот индонезиски остров Комодо, најверојатно ќе биде затворен за туристите, откако полицијата вчера уапсила група која ги шверцувала прочуените комодски змејови, најголемите живи влекачи од групата на гуштери.
Како што пишува индонезискиот „Темпо“, Владата привремено ќе ја затвори туристичката атракција во јануари 2020-та година, а датумот за повторно отворање не е објавен.

Додека островот е затворен, експертите ќе го испитуваат островот и залихите со храна која влекачите ја имаат на располагање, ќе работат на зачувување на ендемскиот вид и ќе го испитуваат квалитетот на природната средина. Целта е да се зголеми популацијата на змејови, која значително се намали со порастот на туристите.

Верувале или не, шверцерите ги продавале гуштерите по цена од 35 илјади долари, што не е чудно, со оглед на тоа дека припаѓаат на заштитениот и најголем вид на влекачи на светот.