Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Сејдини, беше гостин во емисијата „Магазин“ на ТВ Сител, а говореше на повеќе теми, меѓу нив и договорот со актуелниот селектор Игор Ангеловски.
Човекот кој ја однесе Македонија на ЕП 2021 има договор со ФФМ уште само неколку дена, а засега, нема продолжување. Сејдини истакна дека двете страни ќе разговараат во новата календарска година.
„Договорот на Игор Ангеловски истекува на 31 декември. Пракса е да се разговара за продолжување откако ќе истече актуелниот договор, така што со него ќе разговараме после Нова година“, изјави Сејдини.
Македонија за првпат во историјата ќе игра на едно Европско првенство, а е во група со Холандија, Украина и Австрија.