Серафимова: Сакаме да ја израдуваме Македонија исто како мажите со Данска

590

Голманката Матеја Серафимова последна пристигна во стројот на македонската ракометна репрезентација, но е комплетно подготвена за стартот на квалификациите за Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2021 година.

Прв противник ќе биде Исланд, а Серафимова вели дека мотив пред стартот на квалификацискиот турнир против Исланд, Литванија и Грција ќе биде успехот на сениорската машка репрезентација и големата победа над светскиот првак Данска.

„Играме три натпревари во три дена, нема да биде лесно. Како организатори имаме голема предност, нормално е дека мала слабост се празните трибини. Максимално сме подготвени, ќе дадеме се од себе. Сакаме да ја израдуваме македонската јавност како машката репрезентација по победата над Данска. Временскиот период за подготовка беше краток, заедно сме четири дена, но се подготвуваме со видео-анализи, на тренинзите сме максимално фокусирани и мотивирани. Се надевам дека ќе имаме позитивен резултат на сите три меча. Пред мечевите не можам да коментирам, но мислам дека против сите три репрезентации имаме шанси да дојдеме до победа, да се носиме со сите. Имаме искуство со Исланд, најголем акцент ставаме на тој меч, фокусирани сме и на сите останати, се надевам дека се ќе биде како што треба“, вели Серафимова.

Квалификациските натпревари Македонија ги стартува попладнево, со дуел против Исланд, еден од најсериозните ривали во групата (17:00 часот). Двете најдобри селекции од групата ќе патуваат во мундијалскиот бараж.