Сеуште тензии на Косово, КФОР ги потврдија пукотниците кај Зубин Поток

416

По истрелите во близина на патрола на КФОР кај Зубин Поток, реагираше косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла, кој овие напади ги нарече игри на српскиот претседател Вучиќ и неговите криминални инструменти,пренесува косовската телевизија.

„Првично изјавија дека во Зубин Поток имало вооружени судири иницирани од косовската полиција и нејзините специјални единици. Но, кога сфатија дека криминалните банди го нападнале КФОР, сакаат да ги демантираат сите напади“, напиша Свечла на фејсбук.

Тој вели дека барикадите треба веднаш да се отстранат, а Србија да престане да организира и поддржува нелегални криминални структури кои сакаат да го дестабилизираат Косово.

„Косовската полиција ќе продолжи да ја игра својата улога и да ја исполнува својата мисија. Апелирам до сите граѓани да не станат плен на српската пропаганда за поттикнување нов конфликт и да соработуваат со полицијата и органите на прогонот“, напиша министерот за внатрешни работи.

Инаку, синоќа мировниците на КФОР потврдија за пукањето во близина на нивната единица во Зубин Поток.