Конечните резултати на локалните избори во Албанија одржани минатата седмица потврдуваат дека владеачката Социјалистичка партија на Еди Рама освоила 60 од вкупно 61 општина во оваа земја.
Во 30 општини на гласачките листи имало само кандидати на владеачката коалиција „Алијанса за европска Албанија“, поради одлуката на албанската опозиција да ги бојкотира локалните избори и неуспехот на претседателот Илир Мета да издејствува одложување на изборите.
Единствената општина во која што не победи кандидат од партијата на Рама е општината Финик, каде што нов градоначалник ќе биде Кристо Кичо од партијата на грчкото национално малцинство „МЕГА“.
Изборните резултати не ги призна обединетата албанска опозиција, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, која воопшто не учествуваше на локалните избори во нашата соседна земја.
Претседателот на Албанија, Илир Мета порача дека локалните избори се неважечки поради неучеството на опозицијата. Тој го предложи 13-ти октомври како датум за одржување на локалните избори, но и предвремени претседателски избори.
Владеачката коалиција предводена од албанскиот премиер Еди Рама, како и Централната изборна комисија на земјата, го отфрлија предлогот на претседателот Мета и ги спроведоа локалните избори и покрај тоа што претседателот ги одложи изборите.