Меѓународниот суд за правда – ICJ, највисок суд на ОН, објавил дека Велика Британија мора да го врати архипелагот Чагос на Маврициус во Индискиот океан.
Судот додава дека Британија неправедно ги истерала граѓаните од островот во 1970-тите за да изгради американска воздушна база на островот Диего Гарсија. Британија го раздвоила архипелагот од островската територија на Маврициус во 1965-та година, три години пред да и даде независност на оваа држава, но без тие острови.
Во раните 1970-ти, Британците истерале речиси 2.000 жители на Маврициус и Сејшелите за да направат простор за база на најголемиот остров Диего Гарсија, кој им го дале под наем на САД.
Врховниот суд на ОН за меѓународни спорови тврди дека Британија делувала незаконски во процесот на деколонизација и дека би требало да се откаже од контролата над островите кои ги нарекла Територија на Британски Индиски океан.
Иако од судот не се барало мислење за суверенитет, одлуката која ја донел во понеделникот всушност ја повикува Велика Британија на Маврициус да му го препушти архипелагот кој го контролира од 1814-та година. Судијата Абдулкави Јусуф рекол дека Британија “има обврска да стави крај на администрацијата над архипелагот Чагос што побрзо”.
Овој случај на Меѓународниот суд за правда се смета за тест на законитоста на договорот постигнат меѓу големите сили и помалите држави кон крајот на колонијалната ера. Премиерот на Маврициус, Правинд Југнаут, изјавил дека ова е историски момент за Маврициус и неговиот народ, како и за жителите на Чагос кои биле исфрлени од своите домови.
Меѓутоа, Британија во 2016-та година го продолжила наемот на островот Диего Гарсија на САД до 2036-та година и соопштила дека протераните жители не може да се вратат на него.
Фелипе Сандс, член на правниот тим на Маврициус на Меѓународниот суд, рекол дека очекува Британија и Маврициус да седнат и да се договорат за преземање.
“Ќе се најде начин да придвижи овој случај од мртва точка, и притоа да се сочуваат сечии интереси, но и да се испочитува одлуката на судот”.