Шестгодишно девојче открило сурова вистина: Како една ноговогодишна честитка довела до откривање на работници на црно?

697

Едно шестгодишно девојче пронашло вознемирувачка порака која било рачно напишана на божиќна честитка. Во пораката пишувало дека ја пишуваат странски затвореници кои се присилени да работат во Кина и бараат помош.

“Помогнете нѝ и известете ги организациите за заштита на човековите права, ве молиме”, пишувало во пораката.

Пораката била скриена во кутија со честитки, а истите биле купени во ланецот на супермаркети “Теско”. Од таму изјавиле дека се шокирани од ваквите наводи, но компанијата веднаш го запрело производството во фабриката во Кина поради обвинение дека се користат затвореници за принудна работа во пакување на божиќни честитки.

“Никогаш не би дозволиле принудна работа во нашиот ланец на набавувачи”, наведуваат од “Теско”.

Од супермаркетот велат дека ќе ја прекинат соработката со произведувачот на честитки “Зеијанг Јунгуанг Принтинг” доколку се открие дека затворениците се изложени на принудна работа.

Флоренс Видикомб го отворила пакувањето со честитки и открила дека една од нив е веќе пополнета.

Во неа пишувало: “Ние сме странски затвореници во шангајскиот затвор Куингпу во Кина. Приморани сме да работиме против наша волја. Помогнете нѝ и известете ги организациите за заштита на човековите права, ве молиме”.

Во пораката се замолува тој што ќе ја најде пораката, за нејзината содржина да го извести Питер Хамфри, британски новинар кој исто така бил затвореник во истиот затвор пред 4 години.

Флоренс изјавила дека се растажила кога ѝ го објасниле значењето на пораката, а нејзиниот татко Бен Видикомб рекол дека најпрвин не верувал кога ја открил пораката и мислел дека станува збор за некаква шега.

“Но, потоа сфативме дека тоа може да биде многу сериозна работа. Почувствував одговорност да ја проследам пораката до Питер Хамфри, како што сакал испраќачот”, изјавил таткото.