Шестмината обвинети за лажните пасоши признаа вина

577

Шест обвинети во случајот “Двојник”, на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд во Скопје рекоа дека се чувствуваат виновни и доброволно ја признаа вината.

Ова е прво судење откако Обвинителството поднесе обвинителен предлог за лажните пасоши. Досега, осомничени се 11 лица за злоупотреби извршени при издавањето на патни исправи. Со поднесениот предлог, 10 лица се обвинети за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

На почетокот постапката беше раздвоена за една од обвинетите, која поради болест не беше присутна, но нејзиниот адвокат најави признание на вина, како и за останатите петмина од вкупно 11 обвинети.

Обвинетите Денис Баруфи, Ален Личина, Ѓорѓе Велков, Фарук Биља и Раиф Мифтари, пред судот рекоа дека се чувствува виновни за делото.

Случајот го води судијката Оља Ристевска, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова.

Јавниот обвинител Спасенка Андонова рекла дека заедно со обезбедените докази и ПИ мерки, е направен и албум со фотографии и податоци за 215 патни исправи, каде се покажува чиј идентитет е искористен за кое лице, како и јасна визуелизација на тоа што е содржано во обвинението.

Обвинетите Фарук Буки, Весна Колевска, Оливера Софрониевска, Бранислава Владичевска и Шемседин Јашари, рекоа дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар, по што постапката за нив беше раздвоена и продолжува на 7 мај годинава.

Во случајот обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување.

„Со тоа обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РМ, спротивно на Упатството за начините на спроведување на постапката за издавање патна исправа, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање преку систем ‘Симболико’, без проверка на идентитетот на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето“, соопштија од Обвинителството при поднесување на обвинителниот предлог.