Шестти пакет мерки: На угостителите ќе им бидат покриени 30 отсто од приходите, а ќе добијат и по 15.200 денари за секој вработен

638

На угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 отсто од приходите и дополнително ќе добијат финансиска помош од 15.200 денари за секое вработено лице, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на презентацијата на шестиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и фирмите. За овој сектор ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра, со кои се очекува да бидат опфатени 6 илјади угостителски објекти со околу 17 илјади вработени.

Угостителските објекти се затворени од 6 април, поради влошување на епиде*иолошката состојба со болеста во нашата земја и според сегашната одлука така ќе останат до 27 април.

Битиќи рече дека со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата. И на оваа категорија, во која спаѓаат околу 1.200 компании, ќе им бидат покриени околу 30 отсто од приходите и дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен.

За туристичките агенции во овој пакет се одвоени 1,4 милиони евра. Агенциите со А лиценца ќе добијат најмногу до 5 илјади евра, а туристичките агенции со Б лиценца до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат туристичките водичи и музичарите кои во 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15 илјади денари. Планирани се и бесплатни 50 илјади ПЦР тестови за странските туристи кои ќе престојуваат во земјава.

Шестиот пакет мерки вреди вкупно 17,8 милиони евра, и со него ќе бидат опфатени околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени. Петтиот пакет економски мерки беше усвоен од Собранието во неделата.

Прашан дали и годинава се планира да се доделуваат туристички ваучери за домашен туризам од 6.000 денари за граѓаните со пониски примања, Бектеши рече дека во текот на мај ќе биде објавен нов повик за тоа.

– Сите работници со ниски приходи, чии месечни примања не надминуваат 30.000 денари по семејство, ќе можат да аплицираат на повикот и да добијат соодветни ваучери. Тоа е редовна програма која ја имплементира Министерството за економија за поттикнување на домашниот туризам. Ќе биде објавен во првата половина на мај за да можат да ги користат одморите. Директна финансиска поддршка ќе има и во петтиот пакет на мерки, кој сега ќе почне да се реализира, и за хотелските капацитети кои беа надвор од туристичките центри и не можеа да ги користат ваучерите кои се издадоа од Министерството од претходната година кои главно се искористија во регионите на Охрид и Струга и некои други туристички дестинации. За тие што биле изоставени предвидена е сума од еден милион евра, потенцира Бектеши.

Извор: Сакам да кажам