Селекторот на Украина, Андриј Шевченко е оптимист и верува дека Милан може да се бори за Скудетото во оваа натпреварувачка кампња.
„Росонерите“ извонредно ја започнаа натпреварувачката 2020/2021 и по шест одиграни кола се на првата позиција со 16 бода, поточно само Рома успеа да им „украде“ два бода во лудото реми на „Сан Сиро“ од 3-3.
-Овој Милан може да цели кон Скудетото. Секако дека шампионатот е долг, но Пиоли добро ја заврши минатата сезона и уште подобро ја започна новата. Оваа година е важно екипата да остане цврсто на земја. Она што ја прави разликата е духот што го носиш на теренот. „Росонерите“ личат на оркестар. Секој има своја задача тоа добро го прави, Ибра одлично ги насочува.
– И Пиоли има свои заслуги. Меѓу Златан и тренерот, [Паоло] Малдини се стави во рацете на двајца извонредни возачи. Околу нив има многу момци кои сакаат добро да си ја завршат работата. Тие се полни со енергија, навистина е убаво. Ама сега не е време за зборување и правилно е да се постават целите на тимот еден по еден, – порача Шевченко кој своевремено оствари многу успеси со „црвено-црните“.