Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу ја посоветува својата германска колешка да не разговара со Русија од позиција на сила и ја повика да се сети на историјата на нејзината држава.
Сергеј Шојгу реагираше на изјавата на германската министерка за одбрана Урсула Фон Дер Лејен која што повика на покажување на остар став кон Русија.
„Што се однесува до изјавата, ако зборуваме конкретно за Германија, пред да кажат такви зборови, треба да се вратат во историјата. И после се што Германија ѝ има направено на нашата земја, мислам дека ниту во следните 200 години не треба да зборуваат за тоа, не би требало да даваат изјави. Несакам да зборувам поостро, мислам дека ме разбравте“, изјави Шојгу.

Одговарајќи на прашањето дали може да даде коментар за изјавата на германската министерка, Шојгу исто така порача дека Германците е најдобро да се сетат на историјата, пред да започнат да даваат совети за да се разговара со Русија од позиција на сила.
„Што се однесува до разговорите од позиција на сила – повторно вратете се во историјата. Ако сами не читате, прашајте ги вашите дедовци како е да се разговара со Русија од позиција на сила. Тие можат да ви раскажат“, порача Шојгу.