Шојгу одбива да каже колку морнари преживеале во трагедијата: Русите ја кријат вистината за подморницата

822

Информациите за подморницата не може да бидат објавени во целост.

Деталите за пожарот на руската подморница “нема да бидат објавени”, соопштил Кремљ објаснувајќи дека станува збор за државна тајна.

“Таа информација нема да биде објавена во целост. Таа влегува во категоријата државни тајни. Руската власт ја поседува комплетната информација за трагедијата”, рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во пожарот на воената подморница, која, според официјалната верзија, се занимава со научни истражувања во океанското дно и морските екосистеми, загинале најмалку 14 морнари, меѓу кои седум капетани од прв ред. Пожарот се случил во понеделникот навечер.

Рускиот претседател Владимир Путин му наложил на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да оди во Североморск, воено пристаниште на рускиот Арктик и да ги “утврди причините за трагедијата”.

Според руските медиуми, би можело да станува збор за нуклеарната подморница “AS-12 Лошарик”, која не е вооружена, а служи за истражување и посебни операции во големи длабочини.

Шојгу не кажал колку членови на екипажот биле спасени во пожарот во понеделникот, пренесува “AP”.

Зборувајќи за арктичката база на морнарицата во Североморск, Шојгу го пофалил екипажот на подморницата за херојската акција, велејќи дека ги жртвувале своите животи за да го спасат цивилниот експерт во подморницата по избивањето на пожарот.

Руското министерство за одбрана навело дека членовите на екипажот настрадале поради отровните гасови од пожарот, но не прецизирало колку луѓе имало во подморницата во тоа време и дали имало преживеани.

Во соопштението на руското Министерство за одбрана е наведено дека подморницата ги мерела морските длабочини во руските територијални води.