Втор пат во последните 10 дена Лука Јовиќ се најде на насловната на престижната „Марка“. Шпанскиот спортски весник повторно го најавува трансферот на Јовиќ во Реал Мадрид, овојпат со зборовите на спортскиот директор на Ајнтрахт Фреди Бобиќ.
Спортскиот директор на Ајнтрахт призна во едно телевизиско гостување дека Германците тешко ќе го задржат Јовиќ од налетите на Реал.
„Постои реална можност Јовиќ да потпише за Реал Мадрид. Се надевам и верувам дека сака да остане во Ајнтрахт, но реален сум и знам дека немаме шанси да го задржиме доколку го сака голем клуб како Реал“, изјави Бобиќ.
Во Мадрид оваа изјава е дочекана со воодушевување. Се чека само Реал да излезе со официјална понуда која ќе изнесува помеѓу 60 и 70 милиони евра и да ја заврши работата. Тоа е голема сума на пари, но во Мадрид проценија дека е вредно за влжување бидејќи некои поискусни играчи како Кејн, Левандовски или Кавани се драстично поскапи. Јовиќ е тип на играч кој во иднина би требало идеално да се вклопи во младата офанзивна линија на Реал со Асенсио, Винисиус, Родриго… Се очекува и доаѓање на Азар. Јовиќ за почеток би требало да биде алтернатива за Бензема и да му „краде минутажа“, а во преспектива да го наследи Французинот.
Реал ќе го сочека крајот на сезоната во Челзи и Ајнтрахт да ги потврди трансферите на Јовиќ и Азар бидејќи двата клуба се во завршницата од Лигата на Европа и во националните првенства се борат за пласман во Лигата на шампионите.
Пред нив се купени Родриго од Сантос и Милитао од Порто за 95.000.000 евра, а по Јовиќ и Азар се очекува купување на некое звучно име за средниот ред.