Шпионите на „Мосад“ ги украле тајните од атомскиот архив на Иран: Израел и САД знаат буквално сѐ!

1233

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откри дека веќе го информирал претседателот на САД, Доналд Трамп за тоа што Израел го опиша како „шпионска мисија“ во Техеран минатата година.

Доделувајќи ја наградата за заслуги за националната безбедност на тим на моќната израелска разузнавачка агенција „Мосад“, кои ги заплениле тајните документи од „Атомскиот архив“ на Иран, Нетанјаху открил дека разговарал за планираната операција со Трамп кога се сретнале во швајцарски Давос во 2018-та година.

„Ме праша дали операцијата е ризична. Му реков дека постои опасност која не е занемарлива, но исходот го оправдува евентуалниот ризик“, открива Нетанјаху.

Израелскиот премиер исто така откри дека кога подоцна на Трамп му ги претставил украдените документи во Белата куќа, американскиот претседател му се заблагодарил.

„Не се сомневам дека ова помогна да се потврди неговата одлука да се повлече од опасниот ирански нуклеарен договор“, изјави Нетанјаху.

Шест официри на „Мосад“, четири мажи и две жени, ја добија наградата за неверојатната мисија во Техеран, во која биле вклучени и „стотина“ други агенти. Од „Мосад“ потврдија дека мисијата во Техеран била изведена во февруари 2018-та година, но не открија детали како документите биле префрлени во Израел.

Нетанјаху во април 2018-та година, изјави дека оперативците на „Мосад“ дошле до посед на илјадници тајни документи од Техеран кои докажуваат дека Иран спроведува програма за развој на нуклеарно оружје.

Трамп се повика на израелските документи во својата одлука еден месец подоцна, кога соопшти дека САД и официјално се повлекуваат од иранскиот нуклеарен договор од 2015-та година со кој се ограничува нуклеарната програма на Иран.

Од друга страна, иранските власти негираат дека некогаш развивале нуклеарно оружје и ги обвинија Израелците за измама кога е во прашање нивната мисија и крадењето на тајните документи од Техеран.