Што можете да работите во Америка без диплома? Има многу работни места, но нема боледување, а нема ни одмор

634

Класата на американски богаташи е помоќна од било кога и има повеќе пари за луксузни услуги како масажи, разни третмани за убавина и ангажирање на приватни тренери.

Додека бројот на работни места за Американците од средната класа продолжува да се намалува, расте бројот на работни места на дното и на врвот на финансиската скала.

“Она што нѝ недостасува во оваа земја се приходи од средната класа – професии за кои можеме да кажеме дека се традиционално посолидни и подостоинствени”, истакнал Марк Мјуро, истражувач од институтот Брукингс.

Работниците во новата, пониска класа, кои водат грижа да ги задоволат сите потреби на моќните луѓе понекогаш се нарекуваат и “работници за богаташите”.

“Има сè повеќе луѓе на врвот кои можат да си дозволат купување на разни услуги. Не само што има повеќе богаташи, туку има и повеќе луѓе кои се доволно моќни да ги платат тие услуги – без разлика дали станува збор за инструктори по јога, шетачи на кучиња или курири кои за нив извршуваат различни ситни работи. А на долниот дел од општествената скала има многу луѓе на кои им се потребни таквите работи”, додал Мјуро.

Работниците во служба на богатите се најчесто жени – и Латиноамериканци. Тоа се често луѓе без факултетска диплома кои работат неколку работи, пружајќи им услуги на луѓето кои се во подобра материјална состојба од нив.

На пазарот на труд, за работниците без високо образование најбрзо растечки професии се токму оние во доменот на услугите и личната нега, покажуваат податоците од американското Државно биро за статистика. Се очекува во наредните 10 години, бројот на таквите професии да пораснат за 17 отсто, што ќе доведе до отворање на милион нови работни места.

Сè повеќе фитнес тренери и шетачи на кучиња

Бројот на работници кои пружаат услуги за убавина се удвоил во периодот помеѓу 2010 и 2017 година, покажуваат податоците на институтот Брукингс. Бројот на фитнес тренери и шетачи на кучиња се зголемил и до три пати повеќе од просечната стапка на вработување. Мјуро вели дека најмалку 3 милиони луѓе во САД моментално живеат од таквите професии.

“Не нè загрижува фактот што таквите професии постојат, туку што истите не се особено добри професии поради структурата на работа во Америка. Тие не се добро платени”, вели американскиот аналитичар.

Нема боледување ниту платен одмор

Работодавците можат многу лесно да ги експлоатираат ваквите работници и тие ретко добиваат бенефиции како што се боледување, платен одмор или пензиско осигурување.

Но, таквите професии се прилика за новите имигранти да започнат кариера во Америка – третина од американската работна сила моментално се занимава со т.н. хонорарна економија.

Околу 10 отсто од нив работат полно работно време, а останатите прифаќаат повремени работи (како што е возење на Убер) за да го надополнат личниот приход од главната работа.