Иако американскиот претседател Доналд Трамп би требало да го заврши својот мандат на 20-ти јануари, постои можност да стане првиот претседател во историјата на САД за кого два пати ќе се отвори постапка за отповик, односно импичмент.
Претставничкиот дом во Конгресот планира да започне постапка за отповик поради тврдењето дека Трамп ги предизвикал нередите минатата среда во Вашингтон. Како што наведуваат американските медиуми, малку е веројатно дека актуелниот претседател ќе биде отповикан пред да истече неговиот мандат.
“Тоа нема да се случи, иако има политичари од Републиканската партија кои се бесни поради постапките на претседателот”, рекла др. Карла Винстон, која предава меѓународни односи на Универзитетот во Мелбурн, пишува “News.com.au”.
Според наводите на светските медиуми, постои голема можност процесот за импичмент да продолжи во периодот кога Трамп повеќе нема да биде претседател на САД, односно кога на таа функција ќе биде Бајден.
Иако потпретседателот на САД, Мајк Пенс можел да се повика на 25-тиот амандман и така да го отповика Трамп од функцијата претседател, тој не го направил тоа. И поради тоа Ненси Пелоси рекла дека ќе отпочне импичмент, бидејќи Трамп е закана за демократијата.
Во историјата на САД само против тројца претседатели е отворен процес за отповикување, а еден од нив е Доналд Трамп, за кого тој процес се водел минатата година. Меѓутоа, сега таа постапка би можела да биде успешна, бидејќи мнозинство во Конгресот имаат демократите.
Иако не би завршил во затвор, импичментот би можел да води кон доживотна забрана за бавење со висока функција.
Правниот експерт Алан Берон за “Al Jazeera” вели дека тоа би можело да биде смртоносен удар за Трамп.
“Има шпекулации дека Трамп ќе собира околу себе републиканци додека не е на власт. Ако му биде забрането да се занимава со политика, тогаш ќе биде еден вид на тигар без заби”, објаснил Берон.