Со поместувањето на стрелките на часовникот, односно со почнувањето на зимското сметање на времето, луѓето стануваат во мрак, добар дел од дневната светлина ја пропуштаат престојувајќи во затворени простории на работа, а околу 17 часот повторно настапува темницата. Поради тоа, голем број луѓе имаат проблеми со будењето, а нарушувањето на биолошкиот часовник, освен на заморот, влијае и на работењето на бубрезите и на метаболизмот, и ги прави луѓето подепресивни, утврдиле научниците. Некогаш се потребни и до четири недели за да се адаптира „внатрешниот часовник“, а во ситуации кога треба да се будиме порано, очигледна е намалената продуктивност.
Иако на многумина им е познато дека времето е релативна категорија, во современото секојдневие свесно или потсвесно овој поим се поврзува со рокови, брзање, проблеми поради доцнење итн. Сето тоа создава огромна количина на стрес, па така луѓето не само што се чувствуваат збунети, туку се чувствуваат и лошо и непријатно, со многу здравствени проблеми поради нарушената синхронизација меѓу внатрешниот биолошки часовник и оној надворешниот.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во периодот кога се поместува сметањето на времето, луѓето се најчувствителни и најподложни на депресија. Тогаш се најизразени и нарушувањата во спиењето, а се зголемува и бројот на пациенти со зголемен крвен притисок, па дури и инфаркти и мозочни удари. Една од причините поради која луѓето стресно ја доживуваат промената на сметањето на времето е фактот што најчесто не им е јасно зошто воопшто се менува и како дошло до тоа.
Враќањето на часовникот еден час наназад, односно воведувањето на зимското сметање на времето е лошо за здравјето, доведува до губиток на енергијата и ја зголемува загаденоста. Со оваа промена, исто така, се краде еден час светлина од попладнето, при што доаѓа до зголемена потрошувачка на енергијата за осветлување (недостиг на природна светлина) и се ограничуваат човечките активности надвор од домот (шетање, занимавање со спорт и слично). Сето тоа му штети на здравјето, а негативно влијае и на природната средина.
Треба да имате на ум дека речиси половина од светската популација има ниво на витамин Д во крвта кое е под оптималното. Недостигот на овој витамин, кој се нарекува и „витамин на сончевата светлина“, претставува утврден ризичен фактор за рахитис, а има и индиција дека ќе го зголеми ризикот од автоимуни болести.
Научниците пресметале дека кога не би поминувале на зимското сметање на времето, би уживале во 300 дополнителни часови дневна светлина годишно. Тоа би ги направило луѓето порасположени, поенергични и помалку болешливи, какви што се во текот на подолгите сончеви летни денови.
Еден час назад утрото меѓу сабота и недела на 27 и 28 октомври стрелките на часовникот можеби за полседен пат ќе се вратат наназад. Во недела на 28 октомври, во 3 часот наутро, часовникот се враќа еден час назад и ќе биде 2 часот, што значи денот ќе трае 1 час подолго.
Но со оглед на најавата на Европската Комисија дека ќе предложи укинување на зимското сметање на времето, овогодинешната промена можеби ќе биде последна со оглед на тоа што предлогот е времето секогаш да остане во летниот мод.
Над 80% од анкетираните граѓани на земјите на ЕУ се согласиле да не се менува времето два пати годишно, односно во последниот викенд од октомври и последниот викенд во март.