Во Чешка започна тестирање преку т.н. “паметен карантин”, што значи следење на луѓето преку користење на телефони и банкарски картички.
Паметниот карантин подразбира дека преку податоците од провајдерот на мобилните телефони и преку банкарските картички забрзано се трасираат контактите на луѓето заразени со коронавирус.
Ваквите мерки кои успешно ги користеа Тајван и Јужна Кореја, за почеток се применуваат во Јужноморавскиот Регион, со цел што поскоро сите граѓани на Чешка да се ослободат од општите ограничувања за движење.
Паметниот карантин го организира војската, а со таа мерка управува шефот на националниот Централен кризен штаб, епидемиологот Роман Примула. Тој изјавил дека по Велигден, ваквата мерка ќе биде воведена во сите региони, а ќе се укинат некои од општите мерки.
Паметниот карантин подразбира дека, со согласност на заразениот и со посредство на податоците од провајдерот на неговиот мобилен телефон ќе бидат проверувани GPS локациите и врз основа на плаќањето со банкарските картички ќе се утврди каде сè се движел во последните пет дена и кого можел да сретне и зарази.
Луѓето со кои заразениот бил во контакт ќе мора да бидат во карантин. Во рок од неколку часа ќе дојде армиски тим да им земе примерок за тестирање, а ако и тие се заразени, карантинот ќе им биде продолжен на 14 дена.
За паметниот карантин армијата издвоила 253 војници и 82 возила, Генералштабот има епидемиолози и лекари, а армијата свои три болници, рекол денеска во објавеното интервју, премиерот Андреј Бабиш.
“Во првата фаза беше клучно да се воведат општи мерки за да се спречи неконтролираното ширење на вирусот. Во втората фаза мораме да ги замениме тие мерки со паметен карантин”, изјавил премиерот.
Чешка од 16 март, по првите 3 случаи на зараза на 1 март, не воведе вонредна состојба ниту полициски час, туку само кризна состојба, што е за степен пониска од вонредната. Владата се спрема ваквата состојба да ја продолжи до крајот на април.
Чешка не ги изолира пензионерите туку само им препорачува да не излегуваат ако не мораат и издвоила посебно време во продавниците за нив, иако не им забранува да пазарат во аптеките и продавниците и во друго време, ниту да излегуваат на прошетка во парк. Помеѓу вкупно 2.866 заразени Чеси, 18 отсто се постари од 65 години.
По една недела, владата го продолжила ограничувањето на движење на граѓаните од работното место кон дома и излегување само за нужни потреби како купување или прошетка на миленикот.
Наредено е сите на јавен простор да ги прекријат носот и устата со заштитни маски или шалови, а најновото барање е да не се собираат повеќе од 2 лица, со исклучок на членови на семејството.
На почетокот на март, пред воведување на мерките, се смета дека еден заразен го пренесувал вирусот на 2,64 лица, додека по првата седмица на воведување на мерките, тој број паднал на 1,2 заразени.
Според денешните податоци, во Чешка се тестирани 42.498 лица на коронавирус, заразени се 2.866, а неколку десетици се со тешки симптоми. Починале 17 лица кои, како што вели шефот на Централниот кризен штаб, имале и други болести.
Мерките на владата, според последните анкети, ги поддржуваат 90 отсто од граѓаните на Чешка.